„Инвестираме 1 милион евра во изградба на нов мост на река Пчиња со цел да ја зголемиме безбедноста на стариот пат од Петровец кон Свети Николе и да го олесниме животот на населението во околните места“, истакнаа министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов, кои денеска извршија увид во изградба на мост на р.Пчиња, на регионалниот пат Р2136.
Инвестицијата е во висина од 1 милион евра а средствата се обезбедени од Буџетот на ЈП за државни патишта. Се очекува новиот мост да биде пуштен во употреба кон крајот на месец јули.
„Преземаме сериозни мерки и посветено работиме на зголемување на безбедноста во сообраќајот градејќи нови модерни и безбедни патишта и рехабилитирајќи ги постоечките, санирајќи свлечишта и градејќи и реконструирајќи мостови. Новиот мост што го градиме ќе биде од огромно знаење за населението кое живее во околните места. Овој проект е дел од големиот инвестицискот циклус во унапредување на патната инфрастуктура, во кој реализираме проекти во висина од околу 1 милијарда евра за изградба и реконструкција на преку 400 километри патишта. Во овој момент имаме силен фронт за работа, на терен континуирано и со добра динамика се работи насекаде низ државата и уверуваме дека ваквото темпо на изградба, не само на патишта и мостови, туку и канализации, водоводи, гасовод, болници и други капитални проекти ќе продолжи согласно нашите планови и програми, без било какво влијание од изборниот процес или здравствената криза. Исто така, сакам да нагласам дека сите овие проекти се започнати во изминатиот период, дел минатата, а дел оваа година, сите тие се влезени во годишните програми на Министерството и другите институции и како такви имаме обврска да ги реализираме. Сè што ветивме пред граѓаните остваруваме и тоа може реално да се види на терен“ – изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Министерот Сугарески додаде дека капиталните инвестиции се врвен приоритет на Владата, а со крупните инвестиции во модернизација на целокупната инфраструктура во државата кои следуваат и во втора половина од годината, се очекува раздвижување на домашната економија и раст на градежништвото.
Директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов истакна дека новиот мост е во должина од 133 метри и ширина 8 метри, со два коловоза и пешачки патеки и е еден од најдолгите мостови во државата.
„За прв пат после 20-30 години се гради мост сам по себе, кој не е во склоп на пат. Во моментов како што гледате веќе градежно оперативно мостот е готов. Денеска се ставаат заштитни огради на пешачкиот дел крај мостот. Екипите на ЕВН пак ги отстрануваат последните бандери и се средуваат пристапните патишта во должина од стотина метри од двете страни, по што следува рушење на стариот мост и средување на речното корито. Стариот мост мора да се сруши бидејќи кога ќе се средува речното корито ќе дојде до поткопување на неговите темели и ќе биде небезбеден за користење“ - изјави директорот на ЈП за државни патишта Зоран Китанов.