Железничкото поврзување со Албанија тема на средбата на заменик министерот Реџепи со заменикот министер за транспорт на Албанија
15.10.2020
Ве инфомираме дека заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи и директорот на ЈП за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија, Фестим Халили, денеска остварија работна средба со заменик министерот за транспорт на Република Албанија, Артан Шкрели и директорот на Албански Железници, Ани Дурмиши.
На средбата се разговарше за железничкото поврзување меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија преку изградба на западниот дел на Коридор 8.
Заменик министерот за транспорт Беким Реџепи, истакна дека Република Северна Македонија ги презема сите подготовки за почеток на изградба на пругата од Кичево до границата со Република Албанија, потенцирајќи дека Владата веќе донела одлука за отпочнување на постапка за изнаоѓање на финансиски средства за нејзина реализација.
“На една од седниците на Владата, донесена е одлука Министерството за финансии да започне постапка за изнаоѓање на средства за финансирање на изградба на оваа пруга кон Албанија. За нас како држава е многу важно да имаме комплетен Коридор 8. Железничкото поврзување кон Албанија е многу важно заради поголема трговска соработка како и излез на нашите компании на алтернативни пристаништа. Веќе се работи на изградба на пруга кон Република Бугарија, така да останува да се фокусираме на обезбедување на средства за западниот дел”, изјави заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи.
Директорот на ЈП за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија Фестим Халили истака подготвеност за почеток на изградбата.
“Верувам дека сега е време заедно да имаме договор затоа што мегународните финансиски институиции кои би го финасирале овој проект бараат да имаме заеднички пристап за изградба на пругата. Јавното претпријатие веќе има проект за изградба на пруга од Кичево до границата со Република Албанија. Во наредниот период во соработка со државните институции ќе работиме на обезбедување на средства. Денеска имавме одлична можност да ги информираме Железници Албанија за нашите намери и сметам дека во таа насока и двете железнички препријатија ќе работиме за да се поврземе. Изгрaдбата на Коридор 8 е од суштинско значење за цела држава, за компаниите и за граѓаните”, истакна Фестим Халили, директорот на ЈП за за железничка инфраструктура Железници на Република Северна Македонија.
Од албанска страна изразија подготвеност за железничко поврзување меѓу двете земји.