Во интервјуто за неделникот Република, министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски говори за инвестициите во патната и железничката инфраструктура како и за зголемување на обемот на воздушниот сообраќај.
Министре Мисајловски, последниве неколку години, Македонија буквално е претворена во едно огромно градилиште. Колкав е инвестицикиот циклус во патната и железничката инфрастуктура ?
Точно е дека Република Македонија е претворена во едно огромно градилиште и ова не го говориме туку така. Ако излезете на терен ќе забележите дека се гради во сите региони во државата. Инвестицискиот циклус кој трае веќе неколку години контиунирано надминува над милијарда евра. Тука влегуваат само инвестициите во патната, железничката и комуналната инфраструктура, односно капиталните инвестиции само во нашиот ресор. Тоа подразбира изградба на автопати, регионални патишта, пруги, набавка на нови возови и не помалку важно е изградбата или реконструкцијата на канализациони и водоводни системи секаде каде што има потреба од тоа. Генерално остануваме на истиот курс, инвестиции во инфраструктурата мора да има и ќе има. Владата и Ние како ресорно министерствово соработка со ЈП за државни патишта како и ЈП Македонија пат со кои имаме одлична соработка и кои постојано се на терен, ќе продолжиме да вложуваме во нови проекти бидејќи тие се од огрмно значење за економскиот раст на државата и подобрување на условите за живот на граѓаните.
Колку патишта, автопати, регионални и локални патишта се градат во моментов?
Активно на терен се работи на триесетина поголеми проекти во делот на патната мрежа, дел автопти, дел регионални и експресни патишта. Генерално сум задоволен со кое темпо се одвиваат градежните работи, иако ние би сакале и побрзо но тоа не зависи секогаш од изведувачот. На Коридор 10 неколку месеци се работи на реконструкција на автопатската делница од Скопје до Куманово инвестиција од 6 милиони евра со средства обезбедени од ИПА, овој месец започнуваме со реконструкција на автопатската делница од Неготино до Демир Капија инвестиција од околу 5 милиони евра, интензивно се работи на автопатската делница Демир Капија –Смоквица инвестиција од 210 милиони евра како и на реконструкција на автопатските делници Смоквица – Гевгелија инвестиција од 4,2 милиони евра исто така обебзедени средства од ИПА. Во исто време активно се градат и другите два нови автопати, Миладиновци –Штип во вредност од 206 милиони евра и од Кичево до Охрид во вредност до 374 милиони евра. Овој месец го распишавме тендерот за реконструкција на патната делница од Гостивар до Кичево. Во меѓувреме започна изградбата на експресниот пат од Градско до Прилеп, а во завршна фаза е изградбата на експресниот пат од Велес до Штип. Активно работиме и на регионланите патишта и тоа: Битола – Ресен- Буково, Мокрино – Смолари, Бошков мост (Жировница) – Дебар, Делчево – Голак, Мелнички мост –Жупа, Кривогаштани - Обршани – Воѓани, Кочани – Делчево, Сопиште –Говрлево, Средно Водно -с. Нерези, Скопје-Сончев Град, Опае – Бељаковце – Станчиќ – граница со Косово, Градско –Дреново. Во завршна фаза се патните правци Ново Село – Маврово, Нов Дојран – Николиќ, Тетово- Брвеница- Чегране- Гостивар и Калишта –Струга. Исто така во најскоро време ќе започнеме да ги градиме и експресните патишта од Штип до Кочани и од Штип до Радовиш како и од Ракновци до Крива Паланка.
Во однос на локлнаата патна мрежа завршивме со проектот за обнова на локалните патишта преку кој изградивме или реконструиравме преку 400 локални патишта. Имаме и други патишта што ги работиме преку ЈП Македонија пат а исто така во следната година планираме да започнеме со изградба и на други патни првци што сме ги ветиле во Програмата за работа.
Се инвестира и во железницата, нешто што со децении претходно не беше допрено, за колкава инвестиција се работи до сега, во кои сегменти и што е следно во овој дел?
За прв пат во Република Македонија сериозно се пристапи на овој сегмент. Железницата е еден од важните сектори бидејќи низ земјава транзитира голем дел од сообраќајот кон Европа. Затоа е многу важно да имаме квалитетна железничка инфраструктура која ќе овоможи брз и квалитетен транспорт. Зборуваме за моментални инвестиции преку 200 милиони евра. Со оглед дека низ нашата земја минува и Коридорот 8 а тој исто така е еден од важните ПАН Европски коридори, започнавме со најголемите инвестиции токму во изградба на пруга која ќе биде алтернатива на Коридор 10. Во тек е изградба на пругата од Куманово до Бељаковце во вреднот од 40 милиони евра, тече тендерска постапка за изградба на делот од Бељаковце до Крива Паланка со проценета врдност за изградба од 147 милиои евра а во исто време се врши проектирање и на делот од Крива Паланка до границата со Р.Бугарија. За да го комплетираме цел Коридор 8, започнавме и со проектирање на пруга кон Албанија. Во делот на сообраќајот, набавивме 6 нови патнички возови, претходно се набавија 150 товарни возови а во тек е тендер и за набавка на 3 нови локомотиви. Со средства од ИПА компонентата, завршивме со реконструкција на 7 железнички станици на Коридор 10, вклучувајќи ја и меѓународната железничка станица во Скопје. Овие се серозни инвестиции во железницата со оглед дека децении наназад ништо не се инвестирало во овој дел.
Македонија е како крстопат меѓу истокот и западот интензиво работи на подобрување на инфраструктурата, а во моментов најважен и најголем е проектот градбата на Демир Капија-Смоквица. До каде се активностите, колку чини оваа инвестиција и што значи за земјава?
Изградбата на атопатската делница Демир Капија - Смоквица е со полн интензитет. Според најавите на изведувачот градежните работи очекуваме да бидат завршени на крајот од првиот квартал во следната година, што значи дека целата траса од 28 километри ќе биде изградена и асфалтирана, поставена електрична енергија, контролниот центар како и други пропратни елементи. Вкупната инвестиција е 210 милиони евра. Ме прашавте што ќе значи за земјава. Изградбата на оваа автопатска делница е по сите меѓународни стандарди. За прв пат ќе имаме автопатско решение што ќе ги задоволува сите стандарди од аспект на безбедност, сообраќај итн. Дополнително ќе го подигнеме квалитетот на сообраќај бидејќи не само оваа делница, туку цел автопат на Коридор 10 е реконструиран или е во фаза на реконструкција.
Сличен по значење е и автопатот Кичево-Охрид. До каде е неговата изведба, кога ќе биде гоов и колку чини?
Изградбата на автопатот Кичево -Охрид претставува најголемата капитална инвестиција во Република Македонија која чини над 370 милиони евра. До овој момент реализирани се над 30 % од вкупните градежни работи. Се работи на цела траса на автопатот, асфалтирани се околу 2700 метри и во наредниот период интензивно ќе се продолжи со асфалтирање. Со добра динамика се работи и на тунелот кај Пресека каде е пробиен околу 45 %. Тунелот практично ќе биде најдолг тунел во земјава со должина од околу 2 километри. Она што е интересно е тоа што таму е стационирана најбројна работна сила досега ангажирана на било кој капитален проект или во бројка околу 530 машини и околу 1200 градежни работници. Неговата изградба е многу значајна бидејќи сакаме автопатски да го врземе тој дел од Македонија што е многу важно од аспект на регионалното поврзување како дел од Пан Европскиот коридор. Дополнително распишавме тендер за реконструкција и на делницата од Гостивар до Кичево, но морам да спомнем дека остануваме на планот да градиме нов автопат од Гостивар до Кичево и да направиме комплетно автопатско поврзување до Охрид, па потоа и кон Струга. Друга работа се економските придобивки и бенефитот што ќе го имаат граѓаните од аспект на побрз и поквалитетен сообраќај на оваа траса.
Морам да спомнам дека активно се работи и на автопатот од Скопје до Штип. Таму сме во понапредна фаза, цела траса е пробиена, на една третина од автопатот има поставено асфалт, а речиси половина од градежните работи се завршени. Станува збор за сериозна инвестиција од 206 милиони евра, а очекуваме тој да биде завршен на почеток на 2018 година.
Инвестициите во патиштата и железницата, освен подобрување на инфраструктурата, значат и ангазирање на работа сила. Колку наши граѓани се ангажирани на сите проекти кои се изведуваат во моментов?
Генерално оперираме со бројка меѓу 2500 и 3000 работници што активно работат само на изградба на патиштата. Тука не ги броиме работниците кои работат во делот на железницата или во изградба на канализациони и водоводни системи. Овој инвестициски циклус генерално многу допринесува за развој на градежниот сектор, не само од аспект на ангажирање на работната сила, туку и од аспект на користење на нови технологии и практики во изградба на објектите. Тоа е дополнително искуство за домашните компании бидејќи тие најчесто се јавуваат како подизведувачи на поголемите проекти. Друга работа што сакам да ја спомнам е фактот што на јавните повици се јавуваат голем број на компании што на некој начин ја намалуваат цената што сме ја планирале за одреден проект и со тоа обезбедуваме дополнителни средства за нови проекти. Интересот од фирмите покажува колку Македонија е сериозна земја во реализација на инфрастуктураните проекти.
Една од болните точки на луѓето кога патуваа беше и слабо осветлениот тунел пред Катланово. Дали е завршено неговото осветлување и како сега тој изгледа?
Реконструкцијата заедно со осветлувањето на тунелот пред Катланово на потегот од Велес кон Скопје е во тек. Завршен е едната лента а деновиве започна да се реконструира и другата страна на тунелот. Осветлувањето на тунелот се врши со ЛЕД сијалици во внатершниот дел како и трепкачки сијалици на надворешниот дел со што значително се зголемува прегледноста на возачите. Претходно извршивме и осветлување на тунелот кај Катланово на автопатската делница Скопје – Велес како и на двата тунели пред Велес. До крај на годината ќе се изврши санација на уште 3 тунели и тоа: тунел Блаце, тунел на патот Градско-Прилеп како и тунелот на патот Битола-Прилеп.
Субвенциите во авиобизнисот донесе многу странски туристи, но им овозмози и на нашите луге да го „видат светот“?Дали ке продолжите со оваа пракса и кој, според вас, е бенефитот од тоа?
Бенефитот е видлив, овозможивме 34 директни линии од кои 24 директни летови до европски дестинации со многу поволни цени за билетите. Еве ако направиме споредба пред десетина години и сега, резултатот е следен. Во 2005 имавме само десетина до петнаесет дестинации. Сега имаме директни линии кон Лондон, Венеција, Малме, Базел (од Скопје), Ајндховен, Дортмунд, Милано, Минхен Меминген, Стокхолм, Гетеборг, Брисел, Франкфурт, Келн, Париз, Браселона, Осло, Нирнберг, Хамбург, Фридрихшафен, Базел ( од Охрид) Берлин, Копенхаген и Братислава, Загреб, Женева, Прага, Дубаи, Белград, Љубљана, Рим, Истанбул Виена, Цирих. Од месец октомври ќе започне да се лета од Скопје до Доха а од ноември од Скопје до Хановер.
Преговараме и со други авиокомпании кои се заинтересирани за влез на македонскиот пазар кои ќе понудат нови дестинации. Само како резултат на ова, бројот на патници од месец на месец се зголемува во просек за 20 проценти.