Нова мерка за полесна надградба на индивидуалните куќи
24.02.2016
Министерството за транспорт и врски донесе нова мерка според која секој граѓанин во Македонија може да ја надгради својата куќа до максимална висина од 10 метри и 20 сантиметри и во случај ако надградбата на објектот не е предвиден во планската документација.
Како што појасни Мисајловски оваа мерка се однесува за куќи што се веќе изградени со одобрение за градење или се легализирани со Законoт за легализација на бесправно изградените објекти.
– Доколку имате куќа и сакате да вршите надградба, прво од општината мора да поднесете барање за одобрение за градење се разбира со претходно изработен проект за градба. Без разлика дали надградбата на вашиот објект е предвидена во урбанистичката планска документација, општината по сила на закон мора да ви издаде одобрение за градење и да дозволи да го надградите својот објект. До сега ако сакавте да доградувате во висина постоеше услов, надградбата мораше да биде предвидена во планската документација за да може општината да ви издаде одобрение за градење, појасни минситерот за транспорт и врски.
Тој додаде дека не станува збор за доградба на објектот, бидејќи тогаш ќе се бара измена на план и се менува градежната парцела. Станува збор само за надградба на куќа до 10 метри и 20 сантиметри висина, односно приземје, два ката и поткровје.
Министерот смета дека на ваков начин ќе им се излезе во пресрет на многу граѓани кои на еден начин сакаат да инвестираат во подобра иднина, за зголемување на својот недвижен имот или да им остават наследство на своите блиски.