Реконструкција на регионален пат Зрновци - Аргулица
22.11.2016
Денеска министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски заедно со директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов и градоначалниците на Чешиново-Облешево, Зрновци и на Карбинци, извршија увид во реконструкција на регионалниот пат од Зрновци до Аргулица.
Патот е со должина од околу 10 км и до сега за неговата реконструкција се инвестирани околу 48 милиони денари. Денеска се асфалтира должина од 1,5 км.
“Често кога одам на терен говорам дека нема место во Mакедонија каде не се гради. Проектите во инфрастуктурата не запираат и тоа го докажуваме цел овој период. Денеска сме присутни на реконструкција на регионалниот пат од Зрновци до Аргулица, пат кој е од големо значење во овој регион бидејќи минува низ 7 населени места. Инвестицијата е вредна 48 милиони денари, а останува да се реконструира уште 3,5 километри за да го комплетираме целиот пат. Инвестициите во патната инфраструктура ќе продолжат и во наредниот период. За таа цел ќе инвестираме близу една милијарда евра во изградба и реконструкција на нови автопати, регионални и магистрални патишта”, -истакна министерот Мисајловски.
Министерот Мисајловски најави дека ќе се одвојат нови 30 милиони евра само за реконструкција и изградба на локални патишта во сите општини. Исто така најави дека со почетокот на градежната сезона ќе се отпочне со изградба на трите нови експресни патишта во Источниот регион, ќе се отпочне со реконструкција на автопатот од Велес до Градско, од Неготино до Демир Капија и од Скопје до Куманово и на шеесетина други регионални патишта.