Нови шест милиони евра се одвоени за санирање на
состојбата во местата зафатени од поплавите на 6 август во Скопско. Од нив, три
милиони се од Буџетот на Република Македонија, 2,5 милиони од Буџетот на Град
Скопје, а 500 илјади евра издвои Општина Гази Баба.
Ова денеска го истакна министерот за транспорт и
врски Владо Мисајловски при означувањето на почетокот на реконструкцијата на
улицата „Алија Авдовиќ“ во населеното место Сингелиќ.
- Како Влада посветено работевме да ги
подобриме сите услови во поплавените подрачја и за тоа направивме неколку
крупни чекори. Пред се, обезбедивме дополнителни три милиони евра директно од
Владата преку Јавното претпријатие за државни патишта за подобрување на
локалната патна мрежа, а воедно и го сменивме Законот за да може „Македонија
пат“ директно да се вклучи во изградбата на сите локални патишта во местата
зафатени со поплавите.
Министерот за транспорт и врски заедно со градоначалникот на Град Скопје и градоначалникот на Гази Баба и директорите на ЈП Државни патишта и Македонија Пат извршија увид во реконструкцијата на улиците оштетени од поплавите во населеното место Камник.
Исто така министерот при денешната посета на општината Гази Баба изврши увид и во изградба на втората фаза од атмосферската канализација во населеното место Триангла, инвестиција вредна 140 000 евра. Средствата се обезбедени со поддршка на Европската инвестициска банка.