Сугарески и Анѓушев остварија средба со Регионалната комора во Прилеп
21.09.2017
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески заедно со потпретседателот на Владата на РМ, Кочо Анѓушев денеска остварија работна посета во Прилеп каде присуствуваа на пуштање во употреба на новата фабрика ИМП во ТИРЗ Алинци а оставрија и работната средба со претставници од Регионалната комора од Прилеп и Битола при Стопанската комора.
На средбата со претставниците од Стопанската комора, министерот Сугарески и потпретседателот на Владата, Анѓушев ја презентираа програмата на Владата и сетот економски мерки за подобрување на бизнис условите и финансиската поддршка што ја нуди Владата кон компаниите.
Министерот Сугарески ги презентираше проектите во делот на инфраструктурата кои ги реализира Владата на РМ а се од клучно значење за подобрување на условите за водењето на бизнис во Пелагонискиот регион.
Министерот Сугарески истакна дека во најбрз можен рок ќе започне да се реконструира регионалниот пат Прилеп- Битола до граничниот премин Меџитлија, а во меѓувреме преку ЈП за државни патишта ќе се распише јавен повик за проектирање на ниво на експресен пат токму за овој патен правец.
Исто така министерот Сугарески потенцираше дека обезбедени се сите средства за изградба и на експресниот пат Градско -Прилеп како еден од најзначајните патни правци во овој регион. Во однос на железничката инфраструктура, министерот изјави дека до крај на месец октомври ќе се потпише договорот со изведувач за изградба на пругата Битола до граница со Грција со што ќе се обезбеди побрз железнички транспорт.
На средбата присуствуваа претставнции од бизнис секторот од Прилеп и Битола.