Сугарески: Преку ЕУ обезбедени се пари за изградба на експресниот пат делница Градско -Дреново
23.08.2017
Со средства од ИПА, во рамки на Секторската оперативна програма за транспорт 2014-2020 обезбедени се 35,4 милиони евра за изградба на експресниот пат на делницата Дреново-Градско, како дел од крак 10-Д на патниот Коридор 10“. По тој повод денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески оддржа прес конференција на која ги соопшти деталите од билатерaлниот договоr потпишан меѓу Република Македонија и ЕУ.
Во прилог интегрален текст од обраќањето на министерот Сугарески:
Повод
за денешната прес конференција е реализираната финансиско – стратешка
конструкција за исполнување на уште една капитална инвестиција на
Министерството за транспорт и врски и новата Влада на Република Македонија.
Имено, Министерството
за транспорт и врски во име на Владата на Република Македонија потпиша нов Билатерален
договор со Европската Унија за ко-финансирање
на проектот за „Изградба на експресниот пат на делницата Дреново-Градско, како
дел од крак 10-Д на патниот Коридор 10“.
Овој нов
договор со ЕУ е од исклучително значење за модернизирање на патната
инфраструктура во Пелагонискиот регион. Европската Унија подржувајќи ги
напорите на новата Влада, донесе одлука со грант, повторувам грант, а не заем,
во износ од 35,4 милиони евра, да се вклучи во финансирањето на експресниот пат од Градско до Дреново.
Со овој
чекор Министерството за транспорт и врски, онака како што ветивме, ги обезбеди
сите неопходни услови, во зацртаниот рок, да ја заврши оваа исклучително важна
делница. Во таа насока, ја информираме јавноста дека и постапката за избор на
градежна компанија што ќе ја гради оваа делница е во завршна фаза и затоа
очекуваме до крајот на овој месец да се потпише и договорот со најповолниот
понудувач.
Со
договорот се предвидува градежните работи на оваа делница долга 15 километри да
започнат до крајот на 2017 година и да се завршат во рок од 2 години или некаде
до крајот на 2019 година. Делницата Градско –Дреново ќе се гради на ниво на
експресен пат кој ќе ги задоволи сите сообраќајни и безбедносни стандарди.
Прва фаза од Градско од Дреново ќе се гради со грантот од
ЕУ во висина од 35,4 милиони евра.
Втората фаза, изградбата од Фаришка до Дреновска клисура
е во тек, и како што претходно информирав, се соочивме со одредени проблеми на
кои секојдневно работиме за да ги надминеме.
За Третата фаза од Тројаци до Плетвар, вклучително и
влезот во Прилеп, сме во напредни преговори повторно со Европската Унија за да
обезбедиме дополнителни средства.
Очекуваме некаде крајот на 2019,
почетокот на 2020 година да имаме комплетно нов експресен пат од Градско до
Прилеп на кој ќе се зголеми и брзината и безбедноста за сите што патуваат кон
тој дел во Република Македонија.
Со
реализацијата на оваа исклучително значајна капитална инвестиција ќе се
унапреди животниот и бизнис стандард на огромен број граѓани кои живеат или
водат бизнис во регионот на Градско, Кавадарци, Прилеп, Битола, Кривогаштани,
Крушево и Охрид.
Ја
користам ова прилика да најавам дека продолжуваме понатаму со засилено темпо да
остваруваме се што сме ветиле како Влада. Имаме намера и силна волја со мудри потези и интензивна
соработка да ги искористиме сите фондови кои Европската Унија ни ги става на
располагање како земја кандидат за полноправно членство.
Во рамките на Секторската оперативна програма за
транспорт 2014-2020, од страна на
Европската Унија одвоени се вкупно 108,9 милиони евра за проекти за подобрување
на патната и железничката инфраструктура долж мрежата на европски транспортни коридори
кои поминуваат низ територијата на Република Македонија.
Од овие 108,9 милиони евра планирано е од 60 милиони евра
да бидат искористени и за изградба на пругата кон Република Бугарија конкретно
делницата Крива Паланка - Деве Баир. Дел од овие средства ќе се искористат и за
изградба на последната фаза од експресниот пат до Прилеп, а остатокот од
средствата ќе се користат за други проекти кои ќе го подобрат квалитетот и
безбедноста на патната и железничката инфраструктура како на пример рехабилитација
на патишта или подобрување на безбедноста во сообраќајот на целата територија
на Република Македонија.