Во завршна фаза е експресниот пат Велес - Штип (Кадрифаково)
30.09.2016
Изградбата на експресниот пат од Велес до Штип во
должина од 26 километри е при крај. Асфалтирањето се очекува да заврши за
неколку дена, а се планираат и два железнички премини за кои ќе бидат набавени
и сигнални уреди и нови рампи.
Патот се градеше во три фази, од кои двете се
веќе завршени, а најголем дел од работите на третата фаза од патот, која е во
должина од 10 километри, се завршени. Станува збор за инвестиција од околу 15
милиони евра, средства обезбедени преку Европската банка за обнова и развој, а
со пуштањето во употреба на овој експресен пат се очекува да се олесни
сообраќајот на оваа делница која што е многу фреквентна.
Увид во градежните активности денеска извршија
лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски заедно со министерот за транспорт и врски
Владо Мисајловски и директорот на Државното претпријатие за државни патишта
Александар Стојановски.
Министерот Мисајловски информираше дека согласно
планираната динамика се одвиваат и градежните активности на автопатот од
Миладиновци до Штип каде веќе се асфалтирани 22 километри од вкупно планираните
47 километри. На овој автопат има седум клучки и неколку мостови и со него се
очекува да се скрати времето на патување во овој регион.