Министерот
за транспорт и врски Горан Сугарески денеска присуствуваше на отпочнување на
првиот редовен директен лет од Доха до Скопје.
На
скопскиот аеродром „Александар Велики“ денеска се реализираше првиот редовен
директен лет од Доха. Новата рута до главниот град на Македонија ќе биде опслужувана
четири пати неделно (понеделник, среда, петок и недела) со воздухоплов „Ербас
А320“, што има 12 седишта во бизнис и 132 во економската класа. Новата услуга
на „Катар ервејс“ ќе ја поврзе Македонија со повеќе од 150 интернационални
дестинации на глобалната мапа на летови. Ехаб Амин, главниот комерцијален
директор на „Катар ервејс“ и Вукица Кртолица Поповска, македонскиот амбасадор
во Катар, кои пристигнаа со првиот лет од Доха, беа пречекани од генералниот
директор на „ТАВ Македонија“, Алпер Ерсој, придружуван од министерот за
траспорт и врски Горан Сугарески и амбасадорот на Катар во Македонија, Хасан
Бин Абдула Заид Ал Махмуд.
- Ова
лето е навистина исполнето за „Катар ервејс“, како што тече нашата експанзија
во источна Европа. Нашата нова четиридневна услуга до Скопје е долгоочекуван
додадок на нашата глобална мрежа на рути. Таа ќе ни овозможи да ги поврземе и
бизнис-патниците и туристичките патници до и од Република Македонија. Со
нетрпение очекуваме да им посакаме добредојде на патниците на летовите за овој
одушевувачки град, изјави извршниот директор на „Катар ервејс груп“, Акбар Ал
Бакер.
Националниот
авиопревозник на Катар има флота од 200 воздухоплови кои што летаат до бизнис и
туристички дестинации на шест континенти. „Катар ервејс карго“, третиот
најголем меѓународен карго превoзник, опслужува 60 дестинации за товарен
транспорт ширум светот преку својот врвен центар во Доха и исто така, пренесува
товар во над 150 клучни бизнис и туристички дестинации со 200 воздухоплова.
Флотата на „Катар ервејс карго“ е составена од осум товарни авиони „Ербас А
330“, 12 „Боинг 777“ и еден „Боинг 747“.