Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и директорот на ЈП за државни патишта Александар Стојанов извршија увид во осветлувањето на тунелот пред Велес.
Денеска сме на автопатот на Коридорот 10 каде во соработка со ЈП за државни патишта започнавме еден проект за осветлување на тунели и клучки на овој Коридор. Поточно се работи за осветлување на три тунели и тоа овој пред Велес каде денеска извршивме увид во работата, потоа на тунелот на потегот од Велес кон Катланово, а претходно веќе се изврши комплетно осветлување на тунелот од Катланово кон Велес, изјави министерот Мисајловски.
Осветлувањето на тунелите ќе се изврши со ЛЕД сијалици со што значително ќе се зголеми прегледноста на возачите а со тоа и безбедноста во сообраќајот. Исто така ќе се изврши и осветлување пред и после тунелот на ист начин како што е осветлен и тунелот кај Катланово. По завршување на овој тунел веднаш ќе се започне со работа и на третиот на потегот Велес Катланово и очекуваме некаде до октомври оваа година да го завршиме осветлувањето, изјави министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски.
Министерот Мисајловски истакна дека се планира во исто време да се изврши и осветлување на клучката Велес - Север, која се наоѓа на неколку стотини метри од тунелот, потоа расксницата Прилеп - Плетвар и раскрсницата кај Крушево. Вкупната инвестиција ќе изнесува 17, 6 милиони денари.
Исто така овој месец започнавме и со санација и поставување на сигнализација на тунелите на државните патишта. Преку овој проект ќе се санираат 7 тунели и тоа: тунел Блаце, тунел на патот Градско-Прилеп, тунел на патот Битола-Прилеп, тунел на автопатот Велес-Катланово, и трите тунели на автопатот Катланово-Велес. Вкупната вредност на овој проект е 23,4 милиони денари и се очекува до крај на година комплетно да бидат завршени, изјави Александар Стојанов директор на ЈП за државни патишта.
Директорот Стојанов појасни дека до сега осветлени се 70 км што преставува 41 % од вкупната осветлена должина на патиштата.