Започна со асфалтирање регионалниот пат од Кривогаштани до Воѓани
01.06.2016
Денеска министерот за транспорт и
врски Владо Мисајловски и директорот на ЈП за државни патишта се во посета на
општина Кривогаштани. Тие заедно со градоначалникот на Кривогаштани извршија
увид во капиталните проекти што ги реализира Владата на Република Македонија во
соработка со општина Кривогаштани.
Денеска
извршивме увид на реконструкција на регионалниот пат од Кривогаштани до Воѓани
кој е во должина од 9,5 километри. Ќе инвестираме 1.1 милион евра за негова
реконстукција, до сега асфалтирани се околу 4,5 километри или завршени се околу
40% од градежните работи, изјави министерот за транспорт и врски Владо
Мисајловски.
Министерот
Мисајловски потенцираше дека во моментов во општина Кривогаштани се
инвестираат околу 80 милиони денари.
Исто
така сакам да најавам дека од следната недела ќе започнеме со изградба на дел
од канализационата мрежа за населеното место Крушеани, инвестиција вредна 128
илјади евра. Со проектот е предвидено да се изгради пумпна станица и цевковод
во должина од 250 метри. Овој проект го реализираме преку Министерството за
транспорт и врски во соработка со општината, изјави Мисајловски.
Директорот на ЈП за државни патишта
Александар Стојанов изјави дека патот ке се заврши и пред предвиденото време
според договорот и потенцираше дека во овој период се работи на повеќе од 10
регионални патни правци, како и на изградба на новите автопатишта.
Ова е еден од клучните регионални
патни правци во овој регион и се надевам дека со неговата изградба која би
требало да заврши за многу скоро време дополнително ќе го развиеме овој регион,
изјави градоначалникот на Кривогаштани Тони Заткоски.