Завршува реконструкцијата и доградбата на зградата на Министерството за транспорт и врски
19.05.2017
До крајот на јуни ќе заврши целосната
реконструкција и доградбата на зградата на Министерството за транспорт и врски
и ќе почне вселувањето на вработените во просториите, најави денеска министерот
за транспорт и врски Владо Мисајловски.
Како што информира при денешниот увид во
градежните активности за реконструкција и доградба на зградата на
Министерството заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, 96 отсто од
работите се веќе завршени, а се очекува до крајот на месецов да заврши
целосната реконструкција на внатрешноста и надворешноста на објектот.
- Министерството за транспорт и врски беше
претесно и прилично руинирано. Се одлучивме за темелна реконструкција, но и за
надградба со што површината на објектот двојно се зголеми. При почетокот
на реконструкцијата се констатираше дека има слабости со темелите и дека треба
да се зајакнат поради што многу се работеше и на статиката и затоа малку се одолжи
времето за реализација, изјави Груевски.
Тој посочи дека за целосната реконструкција на
внатрешноста и надворешноста, фасадата и новите два ката на Министерството се
инвестирани 5,5 милиони евра.
- Министерството првично имаше површина од околу
2.800 метри квадратни,а со доградбата на двата ката е зголемена на 4.580 метри
квадратни. Сега во Министерството ќе бидат сместени сите службеници заедно со
досега дисперзираните оддели за патниот сообраќај, рече Мисајловски и нагласи
дека е направено тестирање на статиката на објектот од страна на ИИЗИС.
Со тоа, како што кажа, ова ќе биде една од ретките
згради во која се направени сите тестови за статика, а паралелно ќе се прави и
подобрување на статиката на соседниот објект на Министерството, зградата Ибни Пајко
што ќе се реализира во втората фаза.