Железничката линија Скопје- Софија приоритет за Македонија и Бугарија
21.06.2017
Изградбата на железничка пруга од Софија до Скопје е приоритет, оценија министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и бугарскиот министер за транспорт и информациски технологии Ивајло Московски на средбата во Софија.
Железничката врска, нагласија, е од суштествено значење за слободен проток на патници и стоки, а за реализација на проектот се неопходни средства за изградба на пругата на македонска страна, за модернизација на пругата од Софија до Ѓуешево, како и за доизградба на 2,5 километри од Ѓуешево до македонската граница.
Московки порача дека очекува гаранции од македонската страна за изградба на пругата од Бељаковце до бугарската граница и додаде дека веќе се осигурани средства за модернизација на пругата Софија-Перник-Радомир-Ѓуешево.
Двајцата министри се согласија дека со буџетите на двете држави тешко може да се реализира железничкото поврзување и додадоа дека е неопхдоно со заеднички сили да се бараат инвеститори од странство.
Министерот Сугарески, пак, информирал за напредокот на проектот за изградба на пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија што треба да се реализира во близината на граничната линија меѓу двете земји и за кој е неопходна изградба на трансграничниот тунел „Деве Баир“.