Железничкиот сообраќај ќе се нормализира од полноќ
06.06.2017
Железничкиот сообраќај од ноќеска
на полноќ ќе се нормализира откако претставниците на машинскиот персонал на МЖ
Транспорт постигнаа договор за поставените барања вечерва на средба со
ресорниот министер Горан Сугаревски и вицепремиерот за економски прашања Кочо
Анѓушев.
Од Министерството за транспорт и
врски и од Машинскиот персонал потврдија дека на средбата е договорено да се
исполнат барањата за зголемување на додатоците на плата и на коефициентите за
сложеност на работни места.
- Постигнавме договор за барањата
и возовите од полноќ ќе сообраќаат редовно. Исполнети се барањата за додатоците
на плата и за коефициентите за сложеност на работни места, изјави претставникот
на Машинскиот персонал Душко Чакаровски.
Тој не соопштува детали за
постигнатиот договор со кој, како што рече, добиле ветување и дека во наредниот
период платата ќе ја добиваат во целост, наместо во два дела како досега.
Машинскиот персонал го почна
протестот вчера со редуцирање на домашниот патнички и товарен железнички
сообраќај, а денеска дојде до целосен прекин на сообраќајот во железницата.