Во завршна фаза е изградбата и поставувањето на канализациска мрежа во населените места Стопански двор, Волково и Кисела Јабука, во Општина Ѓорче Петров. За оваа намена владата од 2009 година наваму издвои околу два милиони евра. Во овој дел од општината се реконструираат пет улици кои беа тешко оштетени во поплавите. 


- Во Стопански двор, Волкиво и во Кисела Јабука имавме дадено ветувања на жителите и од таа причина денеска дојдов да видам како се одвива реализацијата на нашите ветувања, а се однесуваа на канализациската мрежа и на водоводот, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој заедно со министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и со градоначалникот на Ѓорче Петров Сокол Митровски беше во увид на работите на изградбата на канализациската мрежа.


Работите на преостанатиот дел од канализациската мрежа започнаа денеска во Волково. Груевски потсети дека во периодот од 2009 до 2012 година Владата преку транспорт и врски веќе инвестирала еден милион и 400 илјади евра за изградба на канализација во овие три населби, но потенцираше дека сега се инвестираат дополнителни 560 илјади евра. 


Мисајловски и Митровски информираа дека преостанатиот дел од канализациската мрежа започна да се гради во декември 2016 година, а рокот на изградба е 16 месеци. Со проектот се предвидува изградба на уште 22,4 километри канализациска мрежа.

- Вкупната инвестиција изнесува околу два милиони евра. Се очекува работите да бидат завршени за една година од сега, рече Груевски.



Во овој дел од општината се реконструираат пет улици кои сериозно беа оштетени во поплавите, а со краците нивниот број изнесува 32. Планирано е тие да бидат завршени до јуни оваа година.


Мисајловски информираше дека станува збор за улици во должина од 4,4 километри и оти тие се реконструираат преку ЈП „Македонија пат“.

Во општина Ѓорче Петров ќе се реконструираат дополнителни три улици преку буџетот на Министерството за транспорт и врски. Инвестицијата е 15 милиони денари. Тендерот е завршен, тече рокот за жалби и се очекува тој да се потпише во мај 2017 година. Станува збор за улиците Гостиварска, во должина од 240 метри, Атанас Коцарев во должина од 360 метри и Браќа Чакареви, во должина од 320 метри, информираше Мисајловски.