На вториот состанок на Мешовитиот комитет во Скопје, Македонија и Бугарија ја истакнаа својата посветеност за забрзување на постапките за изградбата на прекуграничниот железнички тунел.
Заменик министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири, изрази задоволство од постигнатиот напредок и заедничката работа.
Таа ја потврди посветеноста за забрзување на постапките и ја потенцира добиената поддршка од Европската Унија и финансиските институции за финансирањето на тунелот.
Заменик-министерката за транспорт и врски на Бугарија, Цвета Тимева, ја потврди подготвеноста на Бугарија да го води спроведувањето на постапки согласно бугарското и европското законодавство при изградбата на прекуграничниот железнички тунел.
„Нашата земја ќе даде силен поттик на проектот“, соопшти заменик-министерката Тимева.
Таа ја информираше македонската страна дека во првата половина на 2027 година Бугарија ќе биде домаќин на регионалниот Самит посветен на поврзаноста. Ова е можност клучните инфраструктурни проекти да бидат претставени во поширока европска рамка со цел привлекување инвестиции.