Инвестираме 21 милион евра за набавка на пет нови електрични локомотиви кои ќе бидат од суштинско значење за зголемување на карго-транспортот, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, кој денеска заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска и директотот на МЖ Транспорт, Дејан Кошутиќ го потпишаа Договорот за заем од ЕБРД за набавка на нови електрични локомотиви.
Со новата флота од пет локомотиви и постојните четири кои се понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго-превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај, изјави Николоски.
Во продолжение интегралното обраќање на вицепремиерот Николоски.
"Навистина ми е драго што денес имаме можност да го заокружиме еден исклучително важен процес кој ќе значи набавка на најмалку пет нови електрични локомотиви, заедно со пропратни резервни делови. Ова е навистина голем чекор напред за Железници за транспорт и во делот на карго-превозот и во патничкиот сообраќај.
Сите се сеќаваме дека минатата година, во моментот на формирање на Владата, состојбата беше исклучително тешка. Имавме нула оперативни локомотиви, практично железничкиот транспорт беше парализиран, а бројни композиции стоеја на македонските пруги бидејќи немаше со што да се оперира.
Со интензивна работа и со поддршка од претседателот на Владата, успеавме во текот на минатата година да ставиме во функција пет локомотиви, а денес веќе имаме над 11 функционални локомотиви. Со тоа целосно се менува сликата за железничкиот транспорт во државата.
Во таа насока, набавката на овие пет нови електрични локомотиви ќе има суштинско значење за зголемување на карго транспортот. Од постојните 11 локомотиви, четири се понови, а седум се постари. Со новата флота од пет локомотиви и постојните четири понови, ќе располагаме со девет модерни локомотиви кои ќе можат целосно да го покријат карго превозот, а дел од нив да се користат и во патничкиот сообраќај.
Ова е особено важно за Коридорот 10, кој треба да бележи раст во наредните години, како и за Коридорот 8, кој во моментов интензивно го развиваме преку значајни инвестиции во железничката инфраструктура.
Истовремено, оваа инвестиција е дел и од пошироката визија за Скопје, подобрување на квалитетот на воздухот преку воведување на градскиот воз. Во моментов се работи на една од трите линии во делот на инфраструктурата, а во следните две години ќе се работи и на преостанатите две. Кога целиот проект ќе биде завршен, по тие линии ќе сообраќаат исклучиво електрични возови, со јасна цел, целосно да се елиминира употребата на дизел локомотиви и дизел возови во главниот град и да се придонесе за подобар квалитет на воздухот.
Сега влегуваме во потешкиот, но клучен дел, успешно спроведување на набавката. Се надевам дека до март, во соработка со ЕБРД, ќе успееме да го објавиме повикот и потоа успешно да ја реализираме испораката на новите локомотиви" , се обрати Николоски.