Скопје, 9 јуни 2026 година – Во Министерството за транспорт се одржа состанокот на Заедничкиот комитет за патен транспорт помеѓу Република Македонија и Република Турција, со што се означи враќањето на институционалниот дијалог во овој формат по повеќе од 12 години.
Делегацијата на Република Македонија беше предводена од заменик министерката за транспорт – Калтрина Зеколи Шаќири и претставници на секторот за патен сообраќај на министерството, претставници од асоцијациите Макам- транс и Бест Мобилити. Делегацијата на Република Турција беше предводена од заменик министерот за транспорт и инфраструктура - Дурмуш Унувар, и заменик-генералниот директор на Организацијата за транспортни услуги на Република Турција, Хасан Боз, придружувани од претставници на надлежните турски институции.
Во текот на состанокот, двете страни разговараа за состојбите во секторот на патниот транспорт, билатералната соработка, потребите на превозниците и можностите за понатамошно унапредување на транспортните и економските врски меѓу двете земји.
Најзначаен резултат од состанокот беше потпишувањето на новиот Протокол за патен транспорт, со кој беше договорено зголемување на бројот на дозволи за транспортни операции со трети земји од 1.300 на 1.500, како и зголемување на бројот на постојните дозволи од 3.150 на 3.500. Дополнително, страните се договорија за размена на уште 250 дополнителни дозволи за 2026 година, со цел да се одговори на зголемените потреби на превозниците и да се олесни движењето на стоки меѓу двете земји.
Двете делегации оценија дека овие одлуки претставуваат значаен чекор кон зајакнување на економската соработка и создавање поповолни услови за транспортниот сектор, придонесувајќи за зголемување на трговската размена и подобрување на поврзаноста помеѓу Северна Македонија и Турција.
На состанокот беше истакнато дека двете земји негуваат традиционално одлични односи и силно партнерство во повеќе области, при што беше изразена взаемна подготвеност за продолжување на дијалогот и соработката во насока на развој на модерен, ефикасен и одржлив транспорт.
Состанокот на Заедничкиот комитет за патен транспорт ја потврди посветеноста на двете земји за натамошно продлабочување на институционалната соработка и унапредување на заедничките проекти и иницијативи во областа на транспортот.