Државниот секретар во Министерството за транспорт, Стефан Волкановски, се обрати на настанот по повод презентација и анализа на активностите од процесот на имплементација на “Стратегијата за инклузија за Ромите 2022-2030”.
Во своето обраќање тој ги потенцира активностите на Министерството за транспорт во рамки на Декада на Ромите, нагласувајќи дека министерството активно работи на реализација на капитални проекти во општините каде живее ромско население.
Државниот секретар Волкановски истакна дека Министерството за транспорт во изминатите години во делот на инфраструктурата инвестира во проекти во делот на комуналната мрежа и проекти од доменот на социјалното домување со што придонесува за поквалитетни услови за живеење и инклузија на ромското насление.
“ Од буџетот на Министерството за транспорт секоја година одвојуваме по 20 милиони денари за пректи во општини каде што претежно живее ромско население, при што реализираме капитални проекти во доменот на комуналната инфраструктура и социјалното домување. Во рамки на проектите во комуналната инфраструктура кои ги работиме во општините претежно се проекти за изградба односно реконструкција на системи за водоснабдување и третман на отпадни води, во некои општини работиме и на реконструкција на локалната инфраструктура. Во рамките на социјалното домување, преку министерството работиме на изградба на социјални згради за ранливи категории на граѓани. Во делот на распределбата вклучено е и ромско население од социјален ризик. За оваа година исто така од буџетот на Министерството за транспорт издвоени се 20 милиони денари и истите се наменија за реализација на капитални проекти. Очекувам повикот да го распишеме веќе следната недела и ги повикувам општините каде живее ромско население да аплицираат за проекти” – се обрати Волкановски.
Тој додаде дека Министерството за транспорт и во периодот што следи активно ќе работи на остварување на целите на Националните стратегии преку кои Ромите се интегрираат во сите области на општественото живеење.
Настанот се организира со подршка на проектот “Подршка на европската интеграција на Македонија”, финансиран од Кралството Шведска, од Швајцарија и од Министерството за европски прашања, а имплементиран од Канцеларијата на Обединетите нации за проектни услуги.