Во рамките на Меѓународниот форум „Патот на свилата“, што се одржува во Тбилиси, Грузија, заменик-министерката за транспорт Калтрина Зеколи Шаќири, оствари средба со заменик-министерот за транспорт на Република Турција, Осман Бојраз.
На средбата се разговараше за понатамошно зајакнување на билатералната соработка во областа на транспортот и инфраструктурата, со посебен акцент на проектите кои придонесуваат за зголемена регионална поврзаност, ефикасна логистика и одржлив развој на транспортниот сектор.
Заменик-министерката Зеколи Шаќири истакна дека Турција останува стратешки партнер и драгоцен пријател на Македонија, со која споделуваме заедничка визија за развој на современа, безбедна и интегрирана транспортна мрежа, во согласност со европските стандарди и принципите на Трансевропската транспортна мрежа (TEN-T).
Средбата ја потврди заемната посветеност за продлабочена институционална соработка и размена на искуства, со фокус на дигитализација на транспортните услуги, зелена мобилност и инфраструктурна поврзаност меѓу регионите.
Министерството за транспорт оценува дека денешната соработка претставува инвестиција во мобилноста на иднината, отворајќи нови можности за заеднички развој и одржлива регионална интеграција.