Со еден клик до сите услуги

https://uslugi.gov.mk/

Зеколи-Шаќири: Аеродромот во Скопје се опреми со томографски систем за безбедност – прв од ваков тип во Балканот

Зеколи-Шаќири: Аеродромот во Скопје се опреми со томографски систем за безбедност – прв од ваков тип во Балканот

 

Заменик-министерката за транспорт, Калетрина Зеколи Шаќири, денес присуствуваше на настанот организиран од ТАВ Македонија на Меѓународниот аеродром Скопје, по повод пуштањето во употреба на новиот компјутерски томографски систем за безбедносна контрола на рачниот багаж.

 

На настанот, заедно со генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, беше презентирана новата современа технологија која претставува значаен чекор во унапредувањето на безбедносните стандарди, ефикасноста и квалитетот на аеродромските услуги.

 

Инвестицијата во вредност од 1 милион евра претставува воведување на најсовремена технологија за безбедносен преглед на багажот, која овозможува детекција на предмети и материјали без потреба од физичко отворање на багажот. Со примената на овој систем се зголемува нивото на безбедност, а истовремено се овозможува побрз и поефикасен проток на патници. Станува збор за прв систем од ваков тип инсталиран на аеродром во Балканот.

 

„Овој тип на инвестиции се потврда дека продолжуваме со модернизација на аеродромската инфраструктура и подобрување на услугите за граѓаните. Резултатите од политиката на проширување на воздушната поврзаност се видливи – во изминатите две години отворени се 28 нови авионски дестинации, а оваа година очекуваме бројот на патници да надмине 3,5 милиони“, изјави заменик-министерката за транспорт, Калетрина Зеколи Шаќири.

 

Таа посочи дека преку партнерството со ТАВ Македонија и континуираните инвестиции во транспортната инфраструктура се создаваат подобри услови за патниците, се зголемува поврзаноста на земјата и се зајакнува позицијата на Северна Македонија како регионален воздушен центар.

 

Министерството за транспорт продолжува со реализација на активности насочени кон модернизација на транспортниот систем, подобрување на квалитетот на услугите и создавање поконкурентни услови за развој на воздушниот сообраќај.

Мени за пристапност