"Имам огромна чест што денеска сум присутен на овој меѓународен Симпозиум 19-ти по ред, меѓу вистински професионалци во светски рамки.
Воедно искрена благодарност до Друштвото на Градежни Конструктори на Македонија за укажаната можност да бидам дел од овој значаен собир.
Повеќе од четири децении постоење на ова Друштво е само показател колку е значајна нашата умешност и професионалност. Велам нашата, бидејќи и јас сум дел од оваа струка и знам колку е значајна во создавањето на трајни вредности во општеството.
Верувам, ќе се сложите со мене дека градежништвото има непроценливо значење за развојот на нашата земја.
Од професионален апсект, тоа е поле за натпревар на идеи. Од економски апсект, градежништвото учествува со преку 30 проценти во Бруто домашниот производ, вработува над 40 илјади работници, а поддржува преку триесетина други стопански гранки.
Затоа е многу важно да создаваме услови на континуитет на градежната експанзија во земјата, но притоа мора да понудиме нови знаења, нови стандардизирани норми и методи кои ќе ги прилагодиме во домашната легислатива.
Затоа овој Форум е од огромно значење за развој на областите што ги застапувате.
Корисен од аспект на размена на искуства и практики во градбите во регионот и светот, но истовремено многу значаен за унапредување на дејноста преку прифаќање на современите методи и новите научни достигнувања.
Вие како професионалци во вашата струка и ние како ресорно министерство, сме силно посветени да го подигнеме квалитетот во сите фази на градење.
Тоа што за нас е важно е вашиот придонес во креирање на политиките во дејноста што ја застапувате.
Се наоѓаме на половина пат од реформата во градежната дејност преку која обезбедуваме високо ниво на професионалност и стандардизација на прописите и нормите.
Верувам дека имаме иста цел, а тоа е да ја прилагодиме легислативата на новите научни предизвици, да изработиме Закони и подзаконски акти што ќе бидат поедноставни и поефикасни за спроведување, а кои ќе обезбедат просторен развој и нови инвестиции.
Би се осврнал и на Еврокодовите како главна тема на овој Симпозиум.
Воведувањето на Еврокодовите како универзални стандарди за проектирање се од посебно значење за обединување на Европскиот пазар. Во согласност со стратегијата на Европската Унија за паметен, одржлив и инклузивен раст, стандардизацијата игра важна улога во поддршката на индустриската политика во ерата на глобализација.
Подобрувањето на конкуренцијата на пазарите на ЕУ преку усвојување на Еврокодовите е препознаено во „Стратегијата за одржлива конкурентност на градежниот сектор и неговите претпријатија“ донесена во 2012 година и истата ги издвојува како алатка за забрзување на процесот на конвергенција на различните национални и регионални регулаторни пристапи.
Ние како држава, Еврокодовите ги усоивме пред неполни 2 години и ги внесовме во паралелна примена со досега важечките стандарди за проектирање на конструкции.
Времето на паралелна употреба полека истекува, па оттаму од голема важност за градежниот сектор е навремена подготовка на инженерскиот кадар за нивна соодветна примена.
Се надевам дека со соодветна поддршка на стручната фела, на здруженијата како што е Друштвото на градежни конструктори на Македонија, потоа на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Македонија и секако со поддршка од Владата овој процес успешно ќе го реализираме и ќе овозможиме градежништвото да го задржи чекорот со земјите од регионот и Европа.
Во оваа прилика сакам да информирам и дека од страна на Министертвото за транспорт и врски е изготвен предлог на нов Закон за градење кој во оваа фаза е испратен до сите релевантни институции на разгледување.
Очекуваме, секаде каде има потреба во новиот текст на Законот да интервенирате, да ни испраќате свои предлози и видувања од стручен аспект, за сите заеднички да создадеме ново законско решение што ќе ја унапреди градежната дејност.
Верувам дека овој Симпозиум покрај другите цели ќе ја има и таа задача, да понуди современи и модерни решенија и нивна применливост.
На крај, оставам простор во овие неколку дена да дискутирате за научните достигнувања, за иновативни решенија и Ве потикнувам да ја согледате потребата од суштинските промени во областа во која работите и заеднички да работиме на унапредување на градежната дејност, затоа што Вие сте најповикани за тоа" се обрати министерот Бочварски