Министерството за транспорт објави втор јавен повик за воведување на нови авиодестинации, во фокусот развој на авиосообраќајот и зголемување на конкуренцијата на домашните аеродроми
16.12.2024
Министерството за транспорт го објави вториот јавен повик за финансиска поддршка за воведување на нови дестинации од Мeѓународниот аеродром Скопје и Св. Апостол Павле во Охрид за период 2025-2027 година.
Јавниот повик е отворен и на него можат да се пријават сите заинтересирани авиокомпании кои ги исполуваат следниве критериуми:
Да имаат превезено најмалку 5 милиони патници во 2023 година
Да имаат остварено профит од минимум 10 милиони евра во 2023 година
Да поседуваат уверение за исполнување на безбедносни услови за вршење на јавен воздушен превоз
Барањата за финансиска поддршка ќе се разгледуваат и одобруваат по принципот на првенство при поднесување на барањето се до исцрпување на средствата утвредени со Програмата на Владата. Во рамките на тригодишната програма 2025-2027 година за овој (втор) јавен повик предвидени се средства во висина од 207 милиони денари. Во однос на износот на финансиската поддршка, истата ќе изнесува исто како и во првиот јавен повик и тоа:
9 евра во денарска против вредност по патник во доаѓање превезен до Меѓународен аеродром Скопје
12 евра во денарска против вредност по патник во доаѓање превезен до аеродромот Св. Апостол Павле – Охрид.
Заинтересираните авиокомпании ќе можат да поднесуваат барања за субвенционирање во текот на целиот период за кој се доделува финансиската поддршка.
Јавниот повик е објавен во Службен весник, на веб страната на Министерството за транспорт и врски, како и во домашни печатени медиуми и еден странски медиум.
Со првиот јавен повик, Минстерството за транспорт обезбеди 6 нови авиолинии и тоа од аеродормот од Скопје кон Барселона, Дубаи, Лион и Штутгарт, а од охридскиот аеродром кон Истанбул и Милхаус.