Министерството за транспорт и врски најостро ги демантира сите шпекулации што ги објавуваат одредени медиуми, а со кои сакаат да предизвикаат чувство на несигурност во системот.
Веќе неколку пати Министерството за транспорт и врски информираше дека опожарениот автобус кој учествуваше во сообраќајната несреќа во Република Бугарија, не е пријавен од сопственикот во електронската база на податоци на Министерството, а со тоа не побарал извод од лиценца за ова возило.
Согласно Законот за превоз во патниот сообраќај член 11 став 1, се вели дека превозникот може да започне да врши превоз на патници во внатрешниот и меѓународниот патен сообраќај, откако ќе добие лиценца за фирмата и извод од лиценца за моторно возило.
Броевите на изводи на лиценци кои се евидентирани во Царинската управа при влез и излез и со кои што се шпекулира во јавноста, во ниту еден случај на се во сопственост на опожарениот автобус. Со ова уште еднаш потврдуваме дека за истиот, превозникот нема извод од лиценца.
За да појасниме, бројот 007017 е број на лиценца на превозникот Беса Транс БТБ за вршење на меѓународен превоз на патници.
Бројот 22679, со кој што шпекулираат одредени медиуми, а кој бил користен од опожарениот автобус при излез од земјата, е број на извод од лиценца на друго возило, со други регистарски таблички, исто така сопственост на превозникот Беса Транс.
Тоа подразбира дека превозникот вршел злоупотреба на извод од лиценца од друго возило и лиценца од фирмата и со тоа свесно ги прекршувал одредбите од Законот за превоз во патниот сообраќај.
Потенцираме дека за опожарениот автобус превозникот немал извадено извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници и овој автобус не е евидентиран во електронската база на Министерството за транспорт и врски.
Поради тоа, веќе информиравме дека Министерството за транспорт и врски ја одзеде лиценцата на вршење на дејност на превозникот Беса Транс БТБ.
Како превозникот вршел влез и излез од земјата, Министерството за транспорт и врски не е орган кој што има надлежност да контролира, овие информации ќе ги докажат меѓународните и домашните истражни органи.
Повикуваме на објективно информирање, Министерството за транспорт и врски е отворено за соработка за сите информации поврзани со овој трагичен настан.