Средба Бочварски-Герасимовски: Зголемување на паричните казни и воведување на дополнителни инспектори против нелегалното градење
10.04.2023
Ве информираме дека министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска оствари работна средба со градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски.
На средбата се разговараше по предлог иницијативата на општина Центар за конфискација на бесправно изградени објекти.
Министерството за транспорт и врски ја разгледа иницијативата и смета дека истата треба да биде дополнета со предлози во насока на дестимулација на изградба на нелегални објекти преку :
зголемување на паричните казни за нелегално изградените објекти како и прогресивни месечни казни
јакнење на капацитетите на инспекциските служби преку воведување на дополнителни надворешни правни лица кои ќе имаат дејност и овластувања на општински инспекциски служби, имајќи предвид дека општините имаат недоволен број на градежни инспектори.
Во однос на конфискација на бесправно изградени објекти, Министерството за транспорт и врски ја поддржува иницијативата на општина Центар како едно од решенијата општините во иднина поефикасно да се справат со нелегалното градење, сметајќи дека потребно е прецизно дефинирање на сите законски одредби што ќе ја регулираат оваа материја.