Нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ со летниот ред на летање од Скопскиот аеродром воведува летови кон Берлин, Братислава и Копенхаген двапати неделно.
На промоцијата на авиолиниите од присуствуваа министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, диекторот на ТАВ Македонија како и преставник од Визер.
Мисајловски посочи дека „Визер“ од 2012 година преку финансиската поддршка од Владата воведе 23 линии до европските градови превезувајќи половина од патниците што летаат од македонските аеродроми.
– Очекувам дека оваа бројка ќе се зголеми оваа година со воведување на новите дестинации. Ако пред 10-ина години се леташе само до 15-ина дестинации, сега како резултат на мерките што ги преземаме таа бројка достигна над 30-ина директни летови кон европски дестинации. Според ова, слободно можам да кажам дека политиките на субвенционирање на нискобуџетните авиокомпании се покажаа како оправдана, рече Мисајловски.
Со „Визер“, со која македонската Влада од 2012 година има постигнато договор за финансиска поддршка за воведување нови авиолинии е постигнат и договор за вработување македонски пилоти. Во програмата на „Визер“ со која што е овозможена обука за професионални пилоти за воздухопловите „Ербас 320“, како што информира министерот Владо Мисајловски, се обучуваат четворица македонски пилоти.
Со трите нови линии од Скопскиот аеродром, според ресорниот министер, е создадена можност преку поволни цени на билетите да се посетат Берлин, Копенхаген и Братислава во функција на развој на економијата, образованието, културата, здравството, туризмот.