Денеска започна изградбата на делницата Градско - Дреново, со должина од 16 километри и во вредност од 23 милиони евра, средства обезбедени од фондовите на Европската Унија.
Вкупната инвестиција за изградба на експресен пат од Градско до Прилеп е во висина од околу 60 милиони евра. Изградбата ќе се одвива во три фази и се очекува да заврши најдоцна до почетокот на 2020 година.
„Експресниот пат ќе се гради по сите безбедносни и технички стандарди што ни дава сигурност дека безбедноста во сообраќајот ќе биде на највисоко ниво. Овој експресен пат ќе даде нов стимул за економската моќ на регионот, а бенефитот директно ќе го почуствуваат околу 250 илјади граѓани кои живеат во овој дел од Република Македонија“ - изјави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.
Следува интегрален текст од обраќањето на министерот Сугарески:
„Денеска е многу значаен ден за сите жители од Градско, од Росоман, Кавадарци, Прилеп, и за сите останати граѓани во Република Македонија кои гравитираат во овој регион.
На мое огромно задоволство, започнуваме со еден од најкрупните капитални проекти, изградба на најзначајната патна артерија во регионов, кој долго време беше барана од граѓаните.
Овој експресн пат од Градско до Прилеп кој се гради во три фази претставува вкупна инвестиција од околу 60 милиони евра.
Денеска започнуваме со изградба на втората фаза и тоа од Градско преку Росоман па се до клучка Кавадарци во должина од 16 километри. Инвестицијата за оваа делница е во висина од 23 милиони евра, средства што се обезбедени од фондовите на Европската Унија.
Експресниот пат ќе се гради по сите безбедносни и технички стандарди што ни дава сигурност дека безбедноста за сообраќај ќе биде на највисоко ниво. Ова го потенцирам бидејќи сите знаеме во какви услови сега се вози на овој патен правец.
Согласно договорот, експресниот пат ќе биде завршен во 2020 година.
Она што сакам да потенцирам е дека Владата и ние како Министерство во соработка со Јавното Претпријатие за државни патишта, вложуваме многу труд и време на изградба на оваа патна делница која е главната врска што го поврзува Вардарскиот со Пелагонискиот регион.
Во таа насока, сакам да нагласам дека во тек е изградба и на делницата од Дреново до Фариш, проект каде наследивме сеиозни проблеми, но со многу посветеност ги надминуваме, што може да се забележи и на терен каде значително е зголемен интензитетот на работа.
За последната делница, проширувањето на патот од Прилеп до мост на Ленишка река и изградба на трета лента од с.Беловодица до Каменолом Маврово во должина од околу 7,5км, оваа година ќе објавиме јавен повик за изведувач.
Средствата и за оваа делница се веќе обезбедени од Европската Унија, што значи дека ја имаме заокружено целата финансиска конструкција за изградба на овој експресен пат.
Сметаме дека граѓаните заслужуваат да возат по модерен и безбеден пат кој значително ќе ја олесни комуникацијата и ќе го забрза транспортот на стоки и услуги.
Генерално овој експресен пат ќе даде нов стимул за економската моќ на регионот, а бенефитот директно ќе го почуствуваат околу 250 илјади граѓани кои живеат во овој дел од Република Македонија.
Друга работа што сакам да ја потенцирам, веќе следниот месец ќе објавиме јавен повик за проектирање за изградба на експресен пат од Прилеп до Битола со идно прераснување на автопат.
Потоа ќе се гради нов експресен пат од Битола до граничниот премин Меџитлија. Тоа подразбира нова, брза и модерна патна инфраструкура низ целиот регион.
Сите овие инвестиции се од особено значење бидејќи се реализираат на патниот Коридор 10 Д, што е дел од Пан Европската мрежа на коридори.
Почитувани
Изградбата на нови патишта и реконструкција на постоечката патна мрежа во Република Македонија е врвен приоритет на оваа Влада. Од таа причина, влеговме во еден инвестициски циклус во подобрување на целокупната патна инфраструктура во државата.
Она што сакам да нагласам е дека заедно со Јавното Претпријатие за државни патишта, овие 11 месеци максимално се посветивме на создавање на услови за да може да ја започнеме оваа градежна офанзива која во моментов се реализира низ цела држава и дополнително она што ќе следи во наредните месеци.
Само оваа година ќе инвестираме околу 270 милиони евра во изградба, реконструкција и рехабилитација на преку 60 патни правци.
Покрај овој експресен пат Градско Дреново, многу скоро започнуваме со изградба и на експресните патишта Ранковце – Крива Паланка и Штип – Радовиш или вкупна инвестиција од околу 100 милиони евра.
Со средства од Јавното претпријатие за државни патишта ќе се реконструираат преку триесетина патни правци.
Со средства од меѓународни финансиски институции ќе се реконструираат, односно во фаза на реконструкција се околу 40 патни правци.
Ова е само потврда на нашите залагања, Република Македонија да добие нова, моредна и квалитетна патна инфраструктура.
На крај би сакал да искажам огромна благодарност до нашите поддржувачи и добри пријатели од Европската Унија. Без нивната поддршка голем дел од инфраструктураните проекти во Република Македонија нема да бидат реализирани.
Европската Унија се наши партнери во создавање на демократка и просперитетна Македонија, и ние граѓаните сме благодарни за тоа“ - се обрати министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.