Започна реконструкцијата на регионалниот пат во Чучер Сандево
12.04.2016
Во должина од два и пол километри започна реконструкцијата на регионалниот пат во општина Чучер Сандево, кој ги поврзува населените места во општината со централното градско подрачје.
Реконструкцијата на патот, како што рече министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски, е ветување на Владата при посетата на Чучер Сандево.
– Ветивме дека веднаш штом ќе почнат асфалтните бази со работа ќе започнеме со реконструкција на патот во Чучер Сандево. Се работи за целосно асфалтирање на коцката што е во надлежност на централната власт преку ЈП за Државни патишта и Македонија пат, појасни Мисајловски.
Министерот информира дека Владата ќе инвестира 30 милиони денари, а реконструкцијата на патот треба да биде завршена до крајот на наредниот месец.
Градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски најави асфалтирање на коцката на улицата „Александар Урдаревски“ која води до општината Чучер Сандево, од почетокот кај улицата „Бутелска“ до првиот влез на гробиштата во Бутел.
Проектот ќе биде готов до почетокот на мај, а веднаш потоа ќе го распишеме тендерот за градба. Очекуваме градежните работи да започнат во почетокот на јули, истакна Трајановски.